АВРМ нема информации за мерките за вработување и каде се трошат средствата, тврдат две НВО-а

Агенцијата за вработување на Република Македонија нема детална информација за спроведувањето на одредени мерки за вработување, а исто така на УНДП и уплаќа средства од сопствениот Буџет, без потоа да има увид како тие се имлементираат и трошат, реагираат од граѓанските организации ЕСЕ и Акција Здруженска.

– Во целиот процес на креирање и имлементација на мерките АВРМ има само улога на посредување без да биде вклучена во спроведување на овие мерки. Најголем дел од одлуките за овие мерки, како ќе се реализираат активностите се концентрирани во УНДП. АВМР префрлува средства од нејзиниот буџет на УНДП, а потоа УНДП менаџира со нив без притоа Агенцијата да има детален увид за тоа како се имлементираат и како средствата натаму се трошат, рече Дарко Антиќ од Здружението ЕСЕ на денешната средба со новинари.

На ваков начин, вели, не се овозможува јакнење на капацитетите на институциите, што потоа би требало да бидат подготвени самостојно да реализираат проекти и да имплементираат мерки.

Овие сознанија, потенцира, произлегле од анализата на податоците прибирани преку слободен пристап до информации од јавен карактер, добиени од АВМР.

Појасни дека станува збор за мерката за самовработување, „Македонија вработува 2“, што заврши во јуни годинава, како и мерките за услуги што АВРМ ги обезбедува за своите корисници, невработените лица.

Од Агенцијата за вработување на Република Македонија, пак, посочуваат дека дел од активните програми и мерки за вработување, ги имплементираат во соработка со други институции и организации, вклучително и УНДП.

– Средствата обезбедени во буџетот на АВРМ за реализација на програмата Самовработување административно се процесираат кон УНДП со цел исплата на средствата кон поединечните корисници, согласно потпишаните договори за учество во Програмата. Во спроведувањето на програмата се вклучени повеќе релевантни институции, со свои претставници во Комисијата која одлучува во сите фази од спроведувањето на програмата, велат од АВРМ.

Оттаму додаваат дека активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот се утврдени во годишните оперативни планови, каде се утврдени и буџетските средства, како и начинот на нивно имплементирање и финансирање кои се усвојуваат од страна на Владата на Република Македонија.

Во врска со проектот „Македонија вработува 2“ од АВРМ посочуваат дека тој се реализира во согласност со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, каде, како што велат, се предвидени условите за користење на правото на ослободување од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход, за работодавачи од приватен сектор кои ќе вработат невработени лица од различна целна група предвидена со законот.

Агенцијата за вработување на Република Македонија, велат, има евиденција за работодавачите кои исполниле услови за остварување на ова право и за бројот на вработувања со овој проект, а фискалните импликации, односно финансиските средства за придонеси и даноци за кои се ослободени работодавачите се во надлежност на УЈП и Министерството за финансии.

За содржината на овaa објава целосно се одговорни Здружението ЕСЕ и Акција Здруженска и во никој случај не ги рефлектира позициите на Европската Унија.