Активните програми и мерки за вработување и услугите на пазарот на трудот се утврдуваат во годишни оперативни планови што ги спроведува АВРМ во партнерство со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование, Министерството за информатичко општество и администрација, Центарот за образование на возрасни, Центарот за стручно образование и обука, Агенцијата за поддршка на претприемништвото, центрите за социјална работа, образовните институции и установи и други меѓународни и домашни  организации.

Право на пристап до мерките и услугите имаат сите евидентирани невработени лица и работодавачи, при што правото за учество се определува согласно пропишаните критериуми за секоја одделна мерка и услуга.

ПРОГРАМИ И МЕРКИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ

Програма – Поддршка за самовработување (претприемништво)

Самовработување

Оваа мерка се спроведува повеќе години наназад и е наменета за невработените лица што сакаат да започнат сопствен бизнис, при што особено внимание како корисници имаат младите до 29 години и невработените инвалидни лица. Мерката вклучува обука за претприемништво, помош при развивање одржлив бизнис-план и регистрирање на дејност, грантови во форма на опрема и/или материјали и менторство за време на започнување на бизнисот. Корисници на програмата можат да бидат и невработените лица што имаат завршено обука за претприемништво и/или изработено бизнис-план во 2017 година.

Мерката се спроведува во повеќе стандардни фази кои вклучуваат пријавување на отворен повик за учество во обука за развој на бизнис-идеја со маркетинг-план, од кои се селектираат оние што ќе добијат понатамошна поддршка од советници за развој на бизнис-план.

Лицата со селектирани бизнис-планови добиваат поддршка за регистрирање на бизнисот и вработувањето и потпишуваат договор за грант во опрема и материјали.

Лицата со селектирани бизнис-планови што предвиделе повеќе вработувања, имаат можност да аплицираат за грант што ќе поддржи самовработување на основачот на фирмата и дополнителното вработување. Износот  на средствата на поединечните грантови е во висина од 246 000,00 до 307 500,00 денари или до 615 000,00 денари доколку се основа правен субјект од двајца содружници.

Фирмите основани од инвалидни лица имаат право на две дополнителни вработувања. Мерката исто така овозможува и здружување на две лица што во текот на реализацијата на фазите заеднички развиваат бизнис-план за основање ДОО од двајца содружници со еднаков сопственички удел, но немаат право да аплицираат за дополнителни вработувања.

Бизнисите регистрирани од млади до 29 години, инвалидни лица, припадници на ромската заедница, ранливите категории жени, како и фирмите основани од двајца содружници имаат право на менторство обезбедено за период од 12 месеци од основањето.

Правниот субјект што вработува дополнително лице во рамките на оваа програма е должен да го вработи лицето со полно работно време и да го задржи во работен однос најмалку 12 месеци доколку се работи за лице на возраст до 29 години, односно 9 месеци доколку се работи за лице на возраст над 29 години.

Основачот/корисникот на грантот е должен да врати 100 % од грантот доколку по истекот на 3 последователни месеци од регистрација на фирмата и дополнителните 2 месеци по доставената опомена нема реализирано финансиски трансакции преку УЈП. Доколку  фирмата основана со грант за самовработување престане со својата дејност, основачот/корисникот на грантот е должен да врати 80 % од грантот доколку дејноста престане во рок од една година од регистрацијата на фирмата и 60 % од грантот, доколку дејноста престане во рок од две години од регистрацијата на фирмата.  

Основачот/корисникот на грант не може да се врати во евиденцијата на невработени во период од три години од денот на засновање на работниот однос.

Програма – Поддршка за креирање работни места (субвенционирање вработувања)

Субвенционирање плати

Целта на мерката е да се обезбеди поддршка за вработување на лица што потешко се вклучуваат на пазарот на труд: долгорочно невработени лица над 12 месеци во евиденција, со предност на невработени лица над 5 години, млади лица до 29 години, лица постари од 50 години, лица што примаат надоместок по основ на невработеност, лица корисници на социјална помош или на паричен надоместок за средно образование, жртви на семејно насилство, инвалидни лица, жени припадници на помалите етнички заедници, лица припадници на ромската етничка заедница, самохрани родители, родители на деца со пречки во развојот, родители на 3 и повеќе деца,  деца на улица, лица што имале статус на деца без родители и родителска грижа, осудени лица по отпуштање од казнено-поправна установа, бездомни лица.

Корисници на субвенциите се микрофирми, мали и средни фирми, а од 2017 год. можност за користење на мерката имаат и социјални претпријатија како и непрофитни организации што се занимаваат со економски активности. Субвенционирањето вклучува еднократна финансиска поддршка исплатена за период од 3,  6 или од 12 месеци, од кои дел се однесуваат на трошоците за плати, а дел за трошоците за обука на ново вработени лица со полно работно време.

Средствата се исплаќаат еднократно за целиот период на субвенционирање, по реализацијата на вработувањето со полно работно време, во согласност со одредбите и условите наведни во договорот за субвенција. Висината на поддршката изнесува  19 000,00 денари месечно за период од 3, 6 или од 12 месеци за вработување на лица од целните групи од кои 18 000,00 денари како субвенција на платата на вработеното лице и 1 000,00 денари за направените трошоци за подготовка на лицето во работниот процес. Работодавачот може да му исплати на работникот и повисока плата.

Работодавачите на денот на аплицирање и пред реализација на поддршката не треба да имаат вкупен број работници понизок од просечниот број вработени лица на неопределено време во претходната календарска година, освен ако причините за намалување на просечниот број вработени лица е намален поради прекин на работниот однос по вина и волја на работникот или поради остварување на право на пензија, смрт или неспособност за работа, а не како резултат на деловни причини; на денот на аплицирање ги имаат подмирено сите обврски по основ на исплатени плати и придонеси од задолжително социјално осигурување; нема финансиска загуба во претходната година; има најмалку едно вработено лице на неопределено време во континуитет, најмалку 6 месеци пред аплицирањето, со исклучок на граѓанските организации што во моментот на аплицирање немаат вработено лице.

Работодавачот што вработува невработено лице е должен да го задржи лицето во работен однос по завршување на периодот на субвенционирање во период од: 6 дополнителни месеци ако користи 3 месеци субвенционирање (вкупен период на вработување 9 месеци);  12 дополнителни месеци ако користи 6 месеци субвенционирање (вкупен период на вработување 18 месеци); 18 дополнителни месеци ако вкупниот период на субвенционирање изнесува 12 месеци (вкупен период на вработување 30 месеци).

Доколку работодавачот го намали бројот на вработени, има обврска да вработи друго невработено лице евидентирано во АВРМ или да го врати износот на средствата за намалениот број на вработени за месеците по престанување на работниот однос. Доколку прекинот на работниот однос на работникот престане во кој било период (вклучувајќи го и периодот на субвенција и по завршување на периодот за субвенција), работодавачот има обврска да врати сразмерен износ на средствата (износот на субвенција по лице поделен со вкупниот број на месеци).

Програмата не поддржува субјекти регистрирани по 1 јули 2017 год.

Вработување и раст на правни субјекти

Целта на мерката е поддршка во креирање на нови работни места во микро, мали и средни правни субјекти, како и социјални претпријатија и граѓански организации. Мерката вклучува финансиска поддршка во вид на грантови за набавка на материјали и опрема со обврска за правните субјекти за ново вработување на невработени лица евидентирани во АВРМ, со предност на млади лица до 29 години.  Висината на поддршката е условена од возраста и од бројот на одобрени вработувања, при што максималниот број лица вработени преку програмата изнесува 5, пресметувајќи ги и оние што се склучиле преку програмата во изминатите години.

Правниот субјект што вработува невработено лице во рамките на оваа програма е должен да го вработи лицето со полно работно време и да го задржи во работен однос најмалку 12 месеци доколку станува збор за лице на возраст до 29 години, односно 9 месеци доколку станува збор за лице на возраст над 29 години без да го намали вкупниот број на вработени на неопределено време пред новите вработувања.

Другите критериуми за работодавачите се исти како и за мерката Субвенционирање плати.

Поддршка за вработување на инвалидни лица

Целта на оваа мерка е да се зголеми вработеноста и можноста за вработување на  невработени лица со инвалидност евидентирани во АВРМ како активни баратели на работа. Корисници на мерката се инвалидни лица што самостојно вршат дејност како трговец поединец, работодавач или имаат својство на работодавач, трговски друштва за вработување на инвалидни лица – заштитни друштва, државна администрација, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, агенции, фондови и други државни институции.

Мерката вклучува различни видови финансиска поддршка и тоа:  

  • вработување на инвалидно лице на неопределено време за што се доделуваат 20 просечни нето плати исплатени во Република Македонија за претходната година пред вработувањето, односно 40 просечни нето плати исплатени во Република Македонија за претходната година пред вработувањето доколку станува збор за слепо лице или за инвалидно лице што се движи со помош на инвалидска количка,
  • адаптација на работно место за што се доделуваат финансиски средства во висина до 100 000,00 денари,
  • набавка на опрема за што се доделуваат средства во висина до 200 просечни нето плати исплатени во Република Македонија во претходната година, при што основен критериум за висината на доделените средства е бројот на вработени инвалидни лица, и
  • работно оспособување на вработени и невработени инвалидни лица.

Критериумите за обезбедување финанска поддршка се дефинирани согласно со Законот за вработување на инвалидни лица и со Правилникот за критериумите и начинот на доделување на неповратни средства од Посебниот фонд за подобрување на условите за вработување и работење на инвалидните лица.  

Барањето  за доделување на неповратни средства од Посебниот фонд корисникот го поднесува до Управниот одбор на Агенцијата за вработување на Република Македонија преку центарот за вработување на чие подрачје е седиштето на работодавачот. Управниот одбор на Агенцијата за вработување донесува решение за доделување на средства од Посебниот фонд по поднесено барање во рок од 90 дена од денот на поднесување на барањето.  Врз основа на донесеното решение се изготвува Договор за исплата на доделени средства од Посебниот фонд. По доставување на гаранција/хипотека од страна на корисникот на средствата се врши исплата, a корисникот на средствата е должен да создаде соодветни услови за работење и адаптација на работното место во зависност од работното место, видот и степенот на образованието и видот и степенот на инвалидноста на инвалидното лице што се вработува. Корисникот на средства е должен на вработените инвалидни лица редовно да им исплаќа плата во согласност со закон, колективен договор и договор за вработување. Инвалидните лица треба да работат на соодветно работно место во согласност со наодот.

Корисникот на средства од Посебниот фонд не смее да го намали вкупниот број на вработени инвалидни лица за чие вработување се користени неповратни средства (во рок од 3 години од денот на вработувањето на инвалидното лице за кое се искористени средства по основ на вработување).

Програма – Обуки

Обука на работно место за познат работодавач

Целта на мерката е стекнување со вештини на невработените лица за извршување на работните задачи согласно потребите на работодавачот.  Со мерката се поддржуваат обуки за занимања (работни места) за кои е потребно минимум основно или средно образование и за кои не се издаваат сертификати/лиценци. Обуката се реализира за конкретно работно место во период од 3 месеци.

Невработеното лице добива паричен надомест од 9 000,00 денари месечно, вклучувајќи и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување

На работодавачот ќе му биде исплатен еднократен паушален износ за менторство и материјални трошоци во износ од 1 339,00 денари по обучувано лице за периодот од 3 месеци. Ист работодавач може да обучи најмногу 20 лица за едно работно место и не може да врши повеќе од една обука за исто лице.  Работодавачот е должен да ја спроведе програмата за обука во согласност со претходно утврден план и да назначи ментор за лицата на обука, а лицата вклучени во обуката треба редовно да ја посетуваат.

Работодавачот има обврска на работа да задржи најмалку 50 % од обучените лица и да не го намали вкупниот бројот вработени лица на неопределено време со полно работно време во период од 6 месеци. По завршувањето на учеството во мерката, невработените лица што нема да се вработат ќе имаат можност за вклучување во други програми и мерки од Оперативниот план. Работодавач што ќе вработи повеќе од 50 % од лицата што биле на обука, за тие лица ќе може да ги користи мерките од Програмата за креирање работни места во согласност со утврдените критериуми.

Корисниците на социјална помош отпуштени од работа пред истекот на мерката имаат право да се вратат во регистерот на корисници на социјална помош.

Обука за стручни квалификации според барање на работодавачите   

Целта на мерката е да се обезбеди обука за стручни квалификации според барањата на работодавачите.

Работодавачите што се пријавуваат имаат обврска да утврдат минимални критериуми за селекција на невработени лица врз основа на кои се селектираат невработени лица од евиденцијата на АВРМ  и да обезбедат услови за реализација на обуката.

За лицата што посетуваат обука обезбедена е финансиска поддршка како месечен надоместок во висина од 9 000,00 денари со вклучено осигурување во случај на несреќа на работното место и персонален данок на доход за времетраењето на обуката.

Обуката на невработени лица се реализира во тесна соработка со локалната самоуправа и верификувани спроведувачи на обуката (центри за стручна обука и/или средните стручни училишта и други спроведувачи на обука). Спроведувачите на обука приспособуваат програма за обука во период од 2 до 6 месеци, во согласност со потребите на работодавачите, верификувана од ЦОБ и МОН за која издаваат соодветен документ пропишан од Министерството за образование и наука (МОН) и/или од Центарот за образование на возрасните (ЦОВ) (центри за стручна обука и/или средните стручни училишта) врз основа на проверка на стекнатите знаења пред комисија. Спроведувачите на обуката за обуката добиваат надоместок во висина до 30 000,00 денари за лице на обука.

Работодавачот е должен да вработи минимум 50 % од лицата што успешно ја завршиле обуката и да не го намали бројот на вкупно вработени лица со полно работно време во период од 6 месеци, освен ако причините за престанокот на работниот однос е по вина и волја на работникот или причините се остварување на право на пензија, смрт или неспособност за работа, а не како резултат на деловни причини.  Доколку работодавачот не ги исполни обврските, должен е да го покрие трошокот од обуката за секое невработено лице од предвидената квота.

 

Обуки за побарувани занимања и занаети

Целта на мерката е преку обука да се задоволат потребите од побарувани занимања и занаети, персонална асистенција за инвалидни лица, стекнување квалификации што водат до „зелени работни места“, на пр. занимања и занаети од областа на енергетската ефикасност, зачувување на животната средина и справување со отпад и други побарувања за соодветна квалификувана работна сила.

Корисници на мерката се верификувани спроведувачи на обука селектирани преку јавен повик објавен од ЦОВ и/или од регистарот на верификувани спроведувачи на ЦОВ и МОН и  спроведувачи на обука за занаети преку јавен повик објавен од АВРМ. Спроведувачите што се пријавуваат треба да имаат важечка верификација за реализација на обука или важечка лиценца и/или дозвола за вршење на дејност.  Спроведувачите на обука ќе добијат надоместок за обука во времетраење не помала од 3 месеци во висина до 30 000,00 денари по обучено лице.

Обуките се наменети за евидентирани невработени лица, идентификувани врз основа на профилирање и индивидуален план за вработување, а кои имаат минимални квалификации за следење на обуката. Лицата што ќе посетуваат обука ќе добијат месечен надоместок во висина од 9 000,00 денари со вклучено осигурување во случај на несреќа на работно место и персонален данок на доход за времетраењето на обуката. По завршување на учеството во мерката, невработените лица имаат можност за искористување на други програми  од Оперативниот план.

 

Обуки за стекнување вештини

Мерката е наменета за невработени лица евидентирани во АВРМ  за да се стекнат со вештини врз основа на идентификувани потребни вештини на пазарот на труд (локално, регионално) и утврдени потреби од профилирањето и индивидуалниот план за вработување на невработените.  Право на учество имаат и работодавачи.

Мерката вклучува практична обука од 6 месеци за невработените која може да биде на основно и напредно ниво и да се однесува на: компјутерски вештини, односно дигитална писменост, странски јазици, банкарство и друго. Селектираните лица за обука се должни редовно да ја посетуваат обуката и  да полагаат за стекнување валиден документ за одделна вештина.

Спроведувачите на обука се селектираат преку јавна набавка и имаат обврска да спроведат тестирање за утврдување на нивото на знаење на кандидатот за учество во обуките, каде е применливо;  да ја спроведе обуката и да ги подготви лицата што редовно ја посетувале обуката за завршен испит, да организира полагање за стекнување валиден документ за одделна вештина.

Доколку обуката се спроведе по барање на работодавач, тој се обврзува да вработи најмалку 50 % од обучените лица на неопределено работно време и да ги задржи во период од најмалку 6 месеци, освен ако причините за престанокот на работниот однос е по вина и волја на работникот или причините се остварување на право на пензија, смрт или неспособност за работа, а не како резултат на деловни причини. Работодавач што ќе вработи повеќе од 50 % од лицата што биле на обука за тие лица ќе може да ги користи мерките од Програмата за креирање работни места во согласност со утврдените критериуми.

Практикантство

Цел на мерката е стекнување практични знаења и вештини потребни за извршување работни задачи на одредени работни места. Мерката е наменета за невработени млади лица до 29 години и невработени лица до 34 години со минимум завршено средно образование евидентирани во АВРМ и работодавачи од приватен и од невладин сектор.

 

Лицата што ќе се вклучат во практикантство ќе добијат месечен надоместок во висина од 9 000,00 денари со вклучено осигурување во случај на несреќа на работно место и персонален данок на доход за времетраењето на практичната работа за период од 3 до 6 месеци, со  обврска редовно да го посетуваат работното место. По завршувањето на учеството во мерката, невработените лица имаат можност за искористување други програми и мерки од Оперативниот план.

Работодавачот што се пријавува треба да има најмалку едно вработено лице на неопределено време во континуитет, најмалку 6 месеци пред аплицирањето, со исклучок на граѓанските организации што во моментот на аплицирање немаат вработено лице и ги има подмирено сите обврски по основ на исплатени плати и придонеси од задолжително социјално осигурување.

Работодавачот вклучен во мерката е должен да подготви план за оспособување на практикантот, со наведени работни задачи и активности; да назначи ментор за практикантот што ќе го води и ќе го надгледува при извршувањето на предвидените задачи и работни активности. Да доставува месечен извештај за редовност на невработените лица до ЦВ и да издаде потврда за завршена практична работа.

Програма за работно ангажирање

Програмата обезбедува социјална вклученост на лица што потешко се вработуваат заради стекнување на одредени вештини и нивно постепено вклучување на пазарот на трудот, преку задоволување на потребите од одделни социјални услуги на локално ниво и проекти од инфраструктура и заштита на животната средина на локално ниво.

Општинско корисна работа

Цел на мерката е зголемување на вработеноста преку работно ангажирање на невработени лица, кое е насочено кон обезбедување на социјални услуги на локално ниво

Мерката е наменета за невработени лица од евиденција на АВРМ, единиците на локалната самоуправа и Град Скопје и крајните корисници на услуги од социјалната сфера.

Мерката се состои од обезбедување финансиска поддршка од 9 000,00 денари месечно по работно ангажирано лице во период од 6 до 9 месеци за ангажман од 20 работни часа неделно, со вклучени персонален данок на доход и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување.

Општините се селектираат на јавен повик,  со апликација поткрепена со меморандум(и) за соработка со НВО (и), со локални институции и други релевантни партнери, при што се наведени: а) социјални услуги во согласност со потребите на локално ниво, б) приоритетни целни групи на невработени лица од ранливите категории и в) приоритетните целни групи на крајни корисници.

Повиците за работно ангажирање и користење социјална услуга од крајните корисници се  објавуваат на локално ниво, а потоа следува формализирање на работното ангажирање на невработените кои се должни редовно да се јавуваат на работното место за кое се работно ангажирани и да се пријавуваат во центарот за вработување каде што се евидентирани.  Обврската на локалните власти е да испорачуваат социјални услуги и да подготвуваат месечни извештаи за напредокот.

Максимален број на работно ангажирани лица по општина е 20. По завршувањето на учеството во мерката, невработените лица имаат можност за искористување други мерки и програми од Оперативниот план.

Јавни работи

Целта  на мерката е вклучување на невработени лица со ниски квалификации во проекти на единиците на локалната власт од инфраструктурата и заштитата на животната средина на локално ниво. Единици на локалната самоуправа и Град Скопје аплицираат за финансиска поддршка за работно ангажирање на невработени лица со програма за изведување јавни работи, јавни работи од инфраструктурен карактер и заштита на животната средина на локално ниво.  

Висината  на финансиската поддршка за селектираните општини и лица изнесува 400 денари дневно по работно ангажирано лице, со вклучен персонален данок на доход и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување. Работното ангажирање може да биде реализирано во 2 циклуси годишно, при што максимален број на работно ангажирани  лица по општина е 50.

Повиците за работно ангажирање и користење социјална услуга од крајните корисници се  објавуваат на локално ниво, а потоа следува формализирање на работното ангажирање на невработените кои се должни редовно да се јавуваат на работното место за кое се работно ангажирани и да се пријавуваат во Центарот за вработување каде што се евидентирани.  Обврската на локалните власти е да ги реализираат работите и да подготвуваат месечни извештаи за напредокот.

По завршувањето на учеството во мерката, невработените лица имаат можност за искористување други мерки и програми од Оперативниот план.

Услуги за вработување

Помош при барање работа

Услугата опфаќа профилирање и подготовка на индивидуален план за вработување, советување за вработување, обезбедување информации за состојбите и барањата на пазарот на трудот, односно слободните работни места, како и информации за активните програми и мерки за вработување и услугите што ги обезбедува АВРМ. Дополнително, центрите за вработување нудат помош на невработените лица за изработка на СУ и мотивациско писмо, зајакнување на вештините за успешно претставување пред работодавачите на интервју за работа, преку информирање и советување и вршат едукација за користење на онлајн услугите на АВРМ преку веб-порталот на АВРМ, како и организирање на инфосредби за млади и за други невработени лица и др.

Мотивациски обуки

Мотивациските обуки ќе бидат организирани како еднодневни групни обуки во центрите за вработување, кои имаат за цел поголема информираност, како и мотивираност за вклучување во активните програми и мерки за вработување. Мотивирањето на невработените лица активно да бараат работа ќе се реализира и преку индивидуален приод, доколку невработените лица искажат потреба од дополнителна поддршка и советување.

Обуки за подготовка за вработување и за работа

Услугата опфаќа спроведување на повеќедневни обуки за млади невработени лица до 29 години според програмата „Подготовка за вработување и за работа“, која ги опфаќа следните модули: воведен модул, личен развој, вештини за барање работа, комуникациски вештини, соодветно однесување на работното место, тимска работа и лидерство, безбедност, права и обврски на работа и финансиски вештини. Тие ќе се реализираат преку работилници со користење на методи што им се блиски на младите лица и се ефикасни за едукација и усвојување на нови вештини на интерактивен начин.

Професионална ориентација и кариерно советување

Услугата опфаќа различни активности за информирање, групно и индивидуално кариерно советување и др. Невработените лица можат да бидат вклучени во повеќе активности во рамките на услугата, во согласност со нивните интереси и потреби. Професионалната ориентација и кариерното советување овозможува невработените лица да развијат вештини за барање работа и планирање и управување со сопствениот кариерен развој, помош при изборот на занимање, обука или вработување, како и дополнителна поддршка при процената на сопствените потенцијали за вработување и нивно усогласување со реалните потреби на пазарот на трудот.

Активација на невработени Роми

Услугата ќе биде насочена кон сите невработени Роми. Невработените лица ќе имаат пристап до тимот на ментори, кои ќе бидат ангажирани во локалните заедници. Нивната улога ќе биде да ги мотивираат и редовно да ги информираат за можностите за вработувања или за подобрување на професионалните капацитети. Преку индивидуален пристап за идентификување на знаењата, квалификациите и вештините со кои располагаат лицата, ќе се пристапи на упатување кон соодветните програми од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот.

Посредување при вработување

Посредувањето се спроведува по добивањето на Барање за посредување при вработување од страна на работодавачот. Оваа услуга опфаќа советување и помош на работодавачите преку пребарување кандидати за слободни работни места од евиденцијата на невработени лица на АВРМ, спроведување на претселекција, упатување на невработените лица кај работодавачите на интервју за вработување и др.

Услуги за работодавачи

Услугите за работодавачите опфаќаат: информирање, советување и обезбедување можности за користење на услугите и активните програми и мерки за вработување и други можности за вработување на невработени лица што се достапни преку АВРМ, едукација за користење на онлајн услугите на АВРМ, информации и совети од областа на трудовото законодавство, учество во заеднички настани како што се форумите за работодавачи и др.

Анкета за потреба од вештини

Цел на анкетата за потребa од вештини на пазарот на трудот е да се обезбедат одредени краткорочни показатели за очекувањата на работодавачите во однос на новите вработувања и потребите од вештини со кои треба да располагаат лицата за да можат да бидат конкурентни на пазарот на трудот. Преку анкетирање на работодавачите од приватниот сектор ќе се обезбедат информации за нивните потреби од нови вработувања во наредните 6 до 12 месеци; потребите од занимања на планираните нови вработувања и потребите од вештини со кои треба да располагаат кандидатите за планираните нови вработувања.