Активните програми и мерки за вработување на пазарот на трудот, предвидени со годишните Оперативни планови за вработување, се утврдуваат и ѝ се предлагаат на Владата на РМ од страна на Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на РМ. Овие две институции се клучни институции коишто треба да го осигураат создавањето на нови работни места, да поддржат креирање на нови работни места и зголемување на вработеноста на невработените лица. Дополнително, важно е да се наспомене дека и средствата за реализирање на утврдените и предложените програми и мерки за вработување се обезбедуваат преку буџетите на гореспоменатите институции.
Владата на РМ ги разгледува и ги усвојува предложените активни програми и мерки за вработување и буџетот за нивна реализација. Важно е да се наспомене дека при разгледувањето на предложените програми и мерки Владата на РМ води сметка за нивната усогласеност со Програмата на Владата на РМ, Програмата за реформи во вработувањето и социјалната политика, Акцискиот план за вработување на млади и обврските што произлегуваат од Глобалниот пакт за работни места на Меѓународната организација на трудот.
По усвојувањето на годишните оперативни планови, надлежна институција за спроведување на програмите и мерките, како и трошењето на средствата е Агенцијата за вработување на РМ, а пак Министерството за труд и социјална политика се јавува само како нејзин носител.
Заради подетално запознавање со тековните и минатите активни програми и мерки, како и со износот на планирани и потрошени средства за нивна реализација, инернет-страницата socijalnaotcetnostzarodovaednakvost.mk Ви нуди можност на едно место да пристапите до годишните планови и извештаи за периодот од 2014 до 2018 година кои се објавени на интернет-страницата на Агенцијата. Дополнително, за овие информации што не се јавно достапни, socijalnaotcetnostzarodovaednakvost.mk Ви овозможува пристап до податоци добиени во постапка за слободен пристап до информации од јавен карактер.