Согласно меѓународните и националните стандарди со кои се уредува полето на вработување, секој граѓанин има право на вработување и на пристап до пазарот на трудот. Правото на вработување на секој граѓанин го гарантира државата во која тој живее преку спроведување на активности и воведување на политики и мерки што ќе им овозможат на сите граѓани да имаат пристап до пазарот на трудот и да бидат вработени, особено на граѓаните од маргинализираните заедници.

Политиките и мерките што ги развиваат државите треба да бидат креирани во насока на задоволување на реалните потреби на граѓаните за вработување, а пак средствата од државниот буџет што ќе бидат потрошени за нивно спроведување да бидат ефикасно и ефективно искористени на тој начин што ќе дадат максимални резултати.

Повредата на правото за вработување, нееднаквоста во пристапот до пазарот на трудот на мажите и жените, недостигот на политики што се родово сензитивни, отсуство на политики што ги одразуваат реалните потреби на граѓаните на РМ, неефикасното користење на буџетските средства, неефикасното планирање на политиките и мерките за вработување, се едни од клучните карактеристики на јавниот систем за вработување во РМ.

Јавните институции одговорни за планирање и спроведување на политиките и мерките за вработување во РМ се карактеризираат со висок степен на затвореност и нетранспарентност во своето работење. Како резултат на затвореноста на јавните институции и затвореноста на процесите на планирање и спроведување на политиките и мерките за вработување, актуелните политики и мерки за вработување не ги одразуваат реалните потреби и интереси на граѓаните, особено потребите и интересите на жените. Ова пак резултира со отсуство на родова перспектива во планирањето и имплементацијата на овие политики. Дополнително, отсуствува и култура за активно граѓанство (ова подразбира граѓаните да бидат активни и да учествуваат во процесите на донесување на одлуки од нивниот почеток до нивниот крај), што пак е резултат на нефункционирање на механизмите за учество на граѓаните во процесите на донесување на одлуки и отсуство на практики за мобилизирање и зајакнување на поголем број граѓани кои понатаму самостојно би се вклучувале во јавните процеси.

Идентификуваните проблеми и недостатоци во системот за вработување, организациите вклучени во спроведување на проектот ги адресираат преку спроведување на методологии за социјална отчетност кои пак ќе придонесат кон зајакнување на граѓаните и овозможување на простор за да ги оценат постојните политики и да учествуваат во нивно унапредување, со посебен фокус на креирање на родово сензитивни политики за вработување.

Во таа насока, а со цел да се создаде мрежа на граѓански организации што ќе работат на промоција на активна примена на концептот на социјална отчетност за родова еднаквост, како и да се застапуваат за родово сензитивно буџетирање и обезбедување на јавни услуги што ги адресираат потребите на жените, почнувајќи од 2017 година постигнавме низа резултати, меѓу кои:

  • три активни мерки за вработување со најголем број крајни корисници и издвоени средства беа идентификувани како потенцијален предмет на следење, и тоа: „самовработување“, „Македонија вработува“, „услуги за вработување на Агенцијата за вработување“;
  • прибрани се и анализирани се сите релевантни јавно достапни програмски и буџетски податоци што се однесуваат на планирањето, спроведувањето и следењето на активните програми и мерки за вработување;
  • оние информации што се однесуваат на програмското и буџетското спроведувањето на програмата за самовработување, Македонија вработува 1 и 2 и услугите за вработување на Агенцијата за вработување на РМ за 2015, 2016 и 2017 година, а кои не се јавно достапни се прибрани во постапка за слободен пристап до информации од јавен карактер и се анализирани;
  • приближно 830 барања за пристап до информации од јавен карактер за прибирање на информации што не се јавно достапни беа поднесени до Агенцијата за вработување на РМ;
  • првичните наоди од спроведената анализа на податоците беа споделени со 259 контакти од медиумски куќи, а пак тие беа објавени до 7 медиуми;
  • 11 општини со најголем број регистрирани активни невработени се идентификувани како потенцијални локации за вклучување во спроведување на методологиите за социјална отчетност за родова еднаквост (Тетово, Куманово, Битола, Кичево, Струмица, Штип, Теарце, Дебар, Свети Николе, Гостивар и Скопје);
  • 32 претставници на 11 локални граѓански организации од идентификуваните општини добија подетални информации за можностите за вклучување во проектните активности и беше извршена првична проценка на нивните капацитети;
  • 30 претставници на граѓанските организации и припадници на локалните заедница беа запознаени со концептот на родова еднаквост, учество и социјална отчетност, методологиите за мониторинг на заедницата и буџетот; политиките и контекстот за вработување и активните мерки за вработување;
  • обезбедено е менторство за 11 граѓански организации за да развијат првични нацрти на планот за имплементација на методологиите на социјална отчетност;
  • објавен е повик и е обезбедена техничка и финансиска поддршка во висина од 40 000 евра на четири граѓански организации од Битола, Свети Николе, Тетово и Струмица за примена на првично развиените планови за имплементација на методологиите на социјална отчетност;
  • со учество на 84 граѓани и претставници на ЕСЕ, АЗ и партнерските граѓански организации мапирани се 1 680 домаќинства и 3 932 членови на домаќинствата од Тетово, Битола, Свети Николе и Струмица, меѓу кои 1 216 потенцијални корисници или пак корисници на активните мерки и програми за вработување;
  • мапирани се 77 претставници на национални и локални јавни инситутции одговорни за донесување одлуки поврзани со активните програми и мерки за вработување и нивна имплементација;
  • објавени се 115 информации поврзани со правото на вработување, активностите спроведени во рамки на проектот „Социјална отчетност за родова еднаквост“ преку официјалните социјални канали на ЕСЕ, АЗ и локалните партнерски организации со кои допреле до приближно 60 000 граѓани.