„Социјална отчетност за родова еднаквост“ е проект чија имплементација финансиски е поддржана од Европската Унија, а е спроведен од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) во партнерство со Здружението за унапредување на родовата еднаквост – Акција Здруженска и четири локални граѓански организации (Младинскиот културен центар од Битола; Женскиот форум од Тетово; Организацијата на жени на Струмица и Граѓанската иницијатива на жени од Свети Николе).

Здружение ЕСЕ

Здружението ЕСЕ (http://www.esem.org.mk) е граѓанска организација која работи на подобрување на имплементацијата на социјалните и економските права на ранливите групи граѓани, преку нивно зајакнување, мобилизирање и вклучување во планирањето, спроведувањето и оценувањето на јавните политики и услуги во Република Македонија.

Движечката сила на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ е неговата посветеност на решавање проблеми. Преку нашата работа на промоција и унапредување на човековите права, ние всушност ја подобруваме социјалната и економската правда, имајќи предвид дека човековите права претставуваат исклучително корисна збирка на стандарди што треба да ги уживаат сите луѓе. Посебен фокус на нашата работа се промоцијата и унапредувањето на здравствените права и правата на жените. Оттука, нашите две главни цели се однесуваат на: решавање на итните потреби на граѓаните, посебно на потребите на ранливите групи граѓани и извршување влијание врз јавните политики за постигнување одржливи и долгорочни промени. Нашата работа вклучува многу повеќе од документирање, поднесување извештаи и јавна осуда на неправдите во општеството. Ние обезбедуваме правна и параправна помош и со тоа на граѓаните им овозможуваме да ги остваруваат своите права и да ги променат своите животни услови. Освен тоа, ние се застапуваме за промени на законодавството и на политиките што влијаат врз остварувањето на здравствените права и правата на жените. Нашето застапување се одвива на национално и на меѓународно ниво. Конкретно, ние изготвуваме и поднесуваме „извештаи од сенка“ и други документи до надлежните меѓународни тела за степенот на спроведување на меѓународните договори за човекови права.

ЕСЕ посветено работи на остварување на следните стратешки приоритети:  вклучување на граѓаните во процесите на планирање, спроведување и оценување на законската регулатива, буџети и услуги во областите на социјални и економски права; обезбедување на еднаков пристапот до правда во областите на социјални и економски права и унапредување на фискалната транспарентност на институциите од областа на социјални и економски права.

Акција Здруженска

Акција Здруженска  (http://zdruzenska.org.mk) e граѓанска организација што работи на унапредување на родовата еднаквост преку застапување за развој и примена на јавните политики за постигнување на еднакви можности за жените и мажите, социјална инклузија и почитување на правата на жените. Основната определба на организацијата е да ги јакне знаењата, вештините и способноста за идентификување и одговор на специфичните потреби во Македонија во поглед на родовата нееднаквост преку: промовирање на културата на родова еднаквост и недискриминацијата; промовирање на одговорно, транспарентно и отчетно владеење на полето на родовата еднаквост и правата на жените; зајакнување и поддршка на женскиот активизам и градење на капацитети и интензивирање на јавната дебата, дијалогот и соработката за прашања поврзани со родовата еднаквост и правата на жените.

Организацијата своите цели ги остварува преку неколку стандардни пристапи што имаат за цел да овозможат воведување и целосно спроведување на соодветни правни рамки и политики за родова еднаквост и заштита на правата на жените и да се зајакнат женските активистки во нивните барања за отчет од власта: обезбедување на релевантни јавно достапни информации за напредокот во спроведувањето на политиките и легислативата од областа на родовата еднаквост преку промовирање на пристапот до информации, постојан мониторинг на степенот на исполнување на обврските на ова поле од страна на институциите на централно и локално ниво и развивање специфични препораки за надминување на идентификуваните недостатоци; развивање и застапување на алатки за операционализација и поефикасна  примена на обврските на институциите за унапредување на родовата еднаквост (едукативно- информативни и алатки за инклузивно планирање, следење и проценка на напредокот; консултативни настани; дебати и сл.); зајакнување на капацитетите и соработката со женски НВО (особено локални) за застапување на прашањата на правата на жените и родовата еднаквост преку развој и спроведување на едукативни програми кои подразбираат учење низ пракса (техничка поддршка и менторство) и развивање на заеднички предлози за подобрување на легислативата, политиките и праксата на институциите на различни нивоа на власт; и обезбедување на релевантни информации за статусот и положбата, како и за приоритетните потреби изразени од самите жени, особено на локално ниво, преку партиципативни истражувања, теренски кампањи и  сл.